Се наоѓате во:

Почетна Патувачки караван

Категории

Патувачки караван

Дата: 12th September, 2022

Категорија: Uncategorized

Патувачкиот караван на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ денеска и утре ќе ги посети Валандово и валандовските села Чалакли и Казандол. Во 17 часот во Домот за културата „25 Мај“ во Валандово ќе биде промовирана сликовницата „Волшебното патување на Простор и Време“ од Мирко Трајановски со илустрации од Кристијан Јованоски, а потоа и книгата „Невидливата куќа“ на Билјана С. Црвенковска и Ване Костуранов.

По промоцијата најмалите посетители ќе учествуваат во креативната работилница за нива, а во 19 часот ќе биде одржана трибина „Дали литературата за деца може да придонесе за развој во помалите средини?“. На трибинта ќе учествуваат: градоначалникот Перо Костадиновски, Мехмед Ариф (автор), Лилјана Нанова (библиотекар) и Софија Семенпеева (основач на „Литера“). Модератор на трибината ќе биде Александра Јуруковска.

Тимот на „Литера“ утре со писателот за деца Мехмед Ариф ќе одржи уште две креативни работилници, во 10 часот во селото Чалакли, а во 13 часот во Казандол.

Тема на годинашниот фестивал е „Дом без граници“, на која твореа илустраторите кои испратија свои дела на отворениот повик. Тоа е мотивот и на сите средби на различни места низ Македонија. Активностите во Валандово како и неодамна завршениот летен камп во Богданци се дел од 4. издание на „Литера“ кој има патувачки карактер.

– Преку децентрализација на културните настани, посебно оние за најмладите, фестивалот се залага квалитетната литература за деца да стигне до што повеќе читатели – велат од „Литера“.

Фестивалит наскоро ќе гостува со изложба на дела на современи македонски илустратори на Фестивалот за детска литература и илустрација „Овца во кутија“, во Пазин, Хрватска. Четворица актуелни ликови уметници ќе се претстават во срцето на Истра на групна изложба од 12 до 18 септември. Организатор на фестивалот „Литера“ е Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“, а главен покровител на годинашното издание е Халкбанк АД Скопје и нивното детското штедење Халки.