Се наоѓате во:

Почетна За фестивалот Поддршка за фестивалот

ЗОШТО ДА ЈА ПОДДРЖИТЕ ЛИТЕРА?

Бидете дел од мисијата на „Литера“.  Вградете се во нашата цел, заедно да ја подигнеме свеста за важноста на литературата за деца и илустрацијата за развојот на современо и квалитетно општество, улогата на литература во интелектуалниот и емотивниот развој на најмладите. Само така ќе создадеме силна генерација која ќе може да гради здраво општество.

Литера е мисија! Бидете дел од неа!

ЗОШТО Е ЗНАЧАЈНА?

„Литера“ е единствениот Фестивал на литература и илустрација за деца во Македонија. Конципиран е како меѓународна манифестација, а целта на „Литера“ е да ги презентира најдобрите дела од домашната и светската литература за деца и илустрација. Фестивалот годинава ќе го организираме по петти пат. Овој мал јубилеј за нас е многу значаен, затоа што е потврда дека чекориме по вистински пат.

Во изминатите години „Литера“ постигна вистински подвизи. Еден од нив е големата изложба на илустрации од Димитар Кондовски, доајен на современата македонска уметност. Ова беше прва изложба посветена на неговото творештво како илустратор.

Друг подвиг беше првото претставување во Македонија на илустрациите од големиот Младен Туниќ, чие творештво преку книгите го паметат и препознаваат многу генерации. Не помалку се важни гостувањата од странство, меѓу кои е учеството на Венди Верниќ, една од најдобрите илустраторки во Хрватска денес. Тука се и бројните домашни илустратори.

„Литера е мисија“. Мисија затоа што преку фестивалот даваме значење на илустрацијата но и на литературата за деца која е од исклучително значење за развој на идните генереции.

Квалитетната литература за деца е од исклучително значење за развојот на идните генерации и за градење на современото мултиетничко и инклузивно општество. Една од главните цели на „Литера“ е токму популаризација на литературата за деца и млади и подигнување на свеста кај родителите и децата за важноста која таа го има за правилниот интелектуален, но и емоционален развој.

Една од мисиите на „Литера“ е и меѓународна презентација на најдоброто од Македонија. Минатата година ја организиравме изложбата „Дом без граници“ во Хрватска.

Денес, илустрацијата е една од најискористените ликовни дисциплини во секојдневието, покрај графичкиот дизајн. Ова значење и примена сакаме да го пренесеме на младите. Затоа во рамките на фестивалот се организираат многу мастер-класови, предавања и работилници за  илустратори.

Тука се и децата. Голем дел од „Литера“ е посветен токму на најмалите за кои е наменета детската литература и илустрација. За нив организираме читања и работилници, а низ годините организиравме и карвани да стигнеме и до градови и села во Македонија каде децата од прва рака се запознаваа со илустрацијата.