Се наоѓате во:

Почетна Ретроспектива на Младен Туниќ

Ретроспектива на Младен Туниќ

Младен Туниќ е еден од пионерите и доајени на илустрацијата и стрип уметноста во македонскиот издавачки простор. Повеќе од три децении неговите илустрации им даваa посебен креативен шарм на списанијата за деца „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“, а илустрирал и стотици книги, сликовници и учебници. Тој е еден од основачите на редакцијата „Детска радост“. Со неговиот модерен, лирски и поетичен израз даде огромен придонес за развојот на илустрацијата во Македонија.

Младен Туниќ е роден на 9 март 1930 година во Призрен. Неговото семејство се преселило во Скопје кога имал само пет години. Љубовта кон цртањето ја покажал уште како дете. „Цртал по ѕидови, плочници, каде што ќе стасал. Знаел да нацрта птица, волк, човек, жаба, дете, слонче, мечка, авионче, пеперутка, пчелка, зајче и сè што ќе посакал“, пишува во еден текст посветен на Туниќ, објавен во списанието „Другарче“.

Талентот и љубовта кон уметноста ја определиле неговата животна професија, па по завршувањето на основното училиште, се запишал на отсекот сликарство во Училиштето за применета уметност во Скопје, кое го завршил со првите генрации ликовно едуцирани млади творци. Првото вработување му било во дневниот весник „Нова Македонија“ на позицијата ликовен уредник – илустратор. Потоа, на 30-годишна возраст, извесен период работел и во белградска „Политика“. По основањето на издавачката куќа „Детска радост“ работел како ликовен уредник на сите детски списанија кои практично беа нераскинлив дел од едукативниот, но и креативниот и социјален развој на децата и младите. Туниќ го ставил својот уметнички печат и во дневниот весник „Вечер“. Имено, тој е автор на препознатливото лого на весникот и работел како негов ликовен уредник.

Со своите дела има учествувано на голем број домашни и меѓународни изложби, а добитник е на бројни награди за уметност. Особено впечатлив е неговиот коментар по добивањето на наградата „Златно перо“ на Меѓународната изложба на илустрации во 1981 година.

„Јас само знам дека и обичниот црн фломастер може да се претвори во „Златно перо“ ако она што сакате да го напишете или нацртате со него, го правите со љубов, ако го вадите директно од срцето.“

Младен Туниќ работел илустрација и за голем број ккниги за возрасни, а особено забележителна е неговата посветеност кон стрип уметноста. Автор е на стрипот „Капетан Смела Глава“ (1962 година), кој се опишува како едно од првите имагинативни вивнувања на нашиот стрип во пределите на авантуризмот. Работел и на неколку продолженија на стрипот „Икар“, објавен во дневниот весник „Нова Македонија“, како и на стрип изданија наменети за зголемување на сообраќајната култура кај младите.

Младен Туниќ почина во Скопје, на 30 август 1985 година. Ќе остане запаметен како автор чии уникатни илустрации ќе останат трајно врежани во спомените од детството на голем број генерации.