Катерина Тери Николовска е меѓународно наградуван графички дизајнер и илустратор. Родена е во Штип, а дипломира на Факултетот за дизајн и мултимедија при ФОН Универзитетот во Скопје. Има работено како дизајнер во ОХО продукција, каде се потпишува како илустратор на сликовниците „Волшебната комета“, „Шарената куќа“ и „Орелот Оли“ од кои произлегуваат и кратки анимирани филмови. Како победник на конкурсот „Браво Сине!“ на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ, Николовска ја илустрираше едицијата од четири сликовници „Бајки од Македонија“. Потоа работи и на едицијата „Басни од Македонија“, како и на книгата „Книгата што никогаш не беше иста“. До сега има илустрирано вкупно 17 сликовници.