Изберете јазик:

Се наоѓате во:

Почетна Фестивалот „Литера“ по петти пат од 23 до 27 мај во Музејот на град Скопје

Категории

Фестивалот „Литера“ по петти пат од 23 до 27 мај во Музејот на град Скопје

Дата: 8th мај, 2023

Категорија: Uncategorized

Под мотото „Свет со љубов“, од 23 до 27 мај, во Музејот на град Скопје ќе се одржи петтото издание на Меѓународниот фестивал на литература и илустрација за деца „Литера 2023“. Во петте фестивалски дена ќе има богата програма за специјализирана публика, но и низа настани наменети за сите заинтересирани посетители на различна возраст. Една од ѕвездите на фестивалот е познатиот илустратор од Хрватска, Доминик Вуковиќ кој работеше на визуелниот идентитет на „Литера 2023“. Неговата визија за „Свет со љубов“ ќе провејува низ целиот фестивал.

Годинава ќе учествуваат повеќе гости од Хрватска и од Македонија, а планирани се многу настани: мастер класови, работилници за професионални илустратори, промоции на книги, детски работилници за литература и илустрација, читања сликовници итн. Во рамки на фестивалот ќе бидат отворени три изложби на автори од Хрватска, како и изложбата „Свет со љубов“, во која ќе бидат изложени дела на млади македонски илустратори, што учествуваа на конкурсот што го организираше фестивалот.
Централен настан на фестивалот ќе биде конференцијата на која ќе гостуваат реномирани професионалци од областа на детската литература и илустрацијата. Неизоставен дел се наградите „Литера 2023“, кои ќе бидат соопштени и доделени на затворањето на фестивалот.

„Визијата на Литера е голема, со тимот работиме многу посветено и внимателно. Литера е повеќе од значајна за нашето општество, но најмногу за новите генерации. Преку квалитетна илустрација за деца се развива визуелната култура на децата. Будно ја следиме домашната сцена и важно ни е на Литера да се промовираат најдобрите наслови за од ден на ден да имаме што повеќе македонски сликовници кои ќе се преведуваат низ светот. Петтото издание на фестивалот за нас е мал, но значаен јубилеј, бидејќи е потврда дека чекориме по вистинскиот пат. Годинава ќе биде празник за младите илустратори од Македонија, кои ќе имаат можност да бидат дел од работилници водени од значајни хрватски автори. Ќе се потрудиме да бидеме ветар во грб на младите автори и илустратори“, вели Софија Семенпеева од тимот на „Литера“.

Доминик Вуковиќ е роден во Загреб, во 1990 година. Завршил Академија за ликовни уметности во класата на Свјетлан Јунаковиќ во 2015 година. Тој е илустратор, графичар и сликар, а од 2019 година работи како надворешен соработник на академијата во Загреб, на графичкиот отсек. Учествувал на бројни ликовни колонии и работилници, а имал четири самостојни изложби. Илустрираната новела „Долго патување до целта“ од Михаел Енде, сликовницата „Сон на летната ноќ“ на Зоран Фериќ и „Мува во ателје“ на Сања Ловренчиќ, кои тој ги илустрирал, се сместени меѓу 25-те најдобро обликувани хрватски книги за 2019 и 2020 година, според изборот на Националната и универзитетска библиотека во Загреб. За авторската сликовница „Свјетлана и соништа за летот“ ја добил наградата „Григор Витез“.

Во изминатите години „Литера“ реализираше исклучително значајни активности за промоција на македонската илустрација. Една од нив е големата изложба на илустрации од Димитар Кондовски, доајен на современата македонска уметност. Ова беше прва изложба посветена на неговото творештво како илустратор. Друг подвиг беше првото претставување во Македонија на илустрациите од големиот Младен Туниќ, чие творештво преку книгите го паметат и препознаваат многу генерации.

Значаен дел од „Литера“ е посветен токму на најмладите за кои е наменета детската литература и илустрација. За децата се организираат читања и работилници, дел од минатите изданија беа карваните низ повеќе градови и села во Македонија, каде децата се запознаваа со процесот на креирање сликовница.